Патувањето од Македонија до јадранското крајбрежје во Албанија во иднина би можело значително да се скрати со изградбата на новиот автопат од Ќафасан до Елбасан и неговото поврзување со делниците кон Драч.
Според проценките, растојанието од граничниот премин Ќафасан до Драч би можело да се поминува за околу два часа, доколку нема подолги задржувања на границата и поголем сообраќаен метеж.
Албанскиот премиер Еди Рама објави снимки од напредокот на градежните работи на делницата Елбасан–Ќафасан, оценувајќи дека проектот ќе донесе побрз и побезбеден транспорт, како и нови можности за економски и туристички развој.
Новата делница е дел од Коридорот 8 и се протега од Лабинот Фуше кај Елбасан до граничниот премин Ќафасан. Трасата е долга околу 44 километри и се гради како модерен автопат со две коловозни ленти во двата правци, мостови, тунели и заштитни објекти покрај реката Шкумбин.
Според најавите, по завршувањето на автопатот патувањето меѓу Елбасан и Ќафасан ќе се скрати на околу 30 минути, со можност за брзини до 110 километри на час.
Паралелно се гради и автопатската делница Елбасан–Рогожина, долга околу 40 километри, која треба да овозможи побрза врска со Драч и јадранското крајбрежје.
Новата инфраструктура особено значење ќе има за жителите на Охрид и Струга, кои ќе добијат полесен пристап до албанските плажи, но и за товарниот транспорт, бидејќи Коридорот 8 треба да создаде директна врска меѓу јадранските пристаништа, Македонија, Бугарија и Црното Море.
Албанските власти го претставуваат проектот како една од најважните инфраструктурни инвестиции во земјата, но засега не е објавен точен датум за целосно пуштање на автопатот во употреба.
















Leave a Reply