Милошоски од Мечкин Камен: Демографијата е нашата нова борба за Македонија

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, во своето илинденско обраќање на Мечкин Камен порача дека генерацијата од 1903 година ги оставила непокорот и саможртвата, генерацијата од 1944 година ја претворила слободата во држава, а генерацијата од 1991 година ја потврдила самостојноста на Македонија.

„Нашата задача е оваа слободна Македонија денес да има кој да ја наследи утре“, истакна Милошоски.

Осврнувајќи се на жртвата на Питу Гули, Никола Карев и илинденците, тој нагласи дека демографијата е новата борба на денешната генерација и прашање што бара долгорочна национална одговорност. Според него, тоа е заедничка обврска кон идните поколенија и македонската држава.

Милошоски посочи дека Крушево, симбол на борбата за слобода и државност, денес има повеќекратно помалку првачиња отколку во минатите децении, а со истиот предизвик се соочува и целата држава.

„Што ќе вредат спомениците ако нема детски раце што ќе положат цвеќе пред нив? Колку ќе вреди македонскиот јазик ако нема кој да го говори? Ќе вредат ли училиштата ако во нив нема детски џагор?“, запраша Милошоски.

Тој истакна дека современата борба за Македонија не се води со пушка и Црешово топче, туку преку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитуваат деца.

„Демографијата не е само статистика. Таа е бебешкиот плач, родителските солзи радосници, полните училишта и семејствата што со надеж гледаат кон иднината. Демографијата е прашање на личен приоритет, семејна среќа и национален опстанок“, рече потпретседателот.

Во своето обраќање Милошоски нагласи дека Македонија мора да биде над политичките поделби.

„Партиите доаѓаат и си одат. Владите се менуваат. Татковината останува. Можеме да спориме за патот, но не смееме да го изгубиме правецот. Може да имаме различни политички ставови – тоа не е слабост, туку демократија. Но постојат работи што мора да стојат над нашите поделби. Македонија е првата меѓу нив. Националното единство не е отсуство на разлики, туку присуство на заедничка одговорност за државата“, порача Милошоски.

На крајот тој истакна дека на младите треба да им се остави држава во која ќе можат да создаваат семејства и да ги растат своите деца.

„Слободата ја наследивме од предците. Иднината им ја должиме на потомците. Македонија треба да им ја предадеме како жива татковина – со деца, полни училишта и млади што творат овде“, заклучи Милошоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *